Кошаркарскиот клуб АВ Охрид останува без победа во македонската кошаркарска елита, откако на домашен терен во седмата рунда претрпеа пораз од Блокотехна 82-71 (27-13, 14-16, 18-17, 23-25).

Избраниците на Марјан Илиевски до шестиот триумф во седмиот меч сезонава стигнаа со маестралната игра во првата четвртина и рутинска во преостанатите три квартали во дуелот во СРЦ „Билјанини Извори“.

Кошаркарите на Блокотехна добро го отворија мечот и после кратко време поведоа со 18-7, а многу скоро и со 23-8. Првиот квартал го добија со 27-13. Охридските кошаркари во вториот период заиграа подобро, но успеаја да намалат само два поени од негативата (16-14) за негатива од 41-29 на полувремето.

„Галебите“ на стартот од третата четвртина ја стегнаа одбраната и почнаа да постигнуваат лесни поени во напад. Со две поентерски серии охриѓани стигнаа до негатива од четири поени (46-42). Но, брзата игра ги умори домаќините, а гостите со фуриозна завршница ја добија третата четвртина (18-17) и ја вратија позитивата.

Во решавачкиот четврти квартал, охридските кошаркари повторно ја спуштија негативата, овој пат на седум поени (61-54), но гостите со смирена и рутинска игра не дозволија неизвесност во Охрид и забележаа победа 82-71.

Предводник на гостите во победата беше Данило Мијатовиќ кој постигна 31 поен, а додаде уште шест скокови и една асистенција. После него следуваа Марјан Младеновиќ со 19 поени и Повилас Гаидус со 18 кошеви. Кај охриѓани најефикасен заврши Давид Миладиновиќ со 15 поени, а еден помалку постигна Рос Кенет.

Во следната осма рунда „галебите“ гостуваат во Скопје кај тимот на Шкупи, додека Блокотехна на домашен терен го пречекува Работнички.

OhridNews