Охридските кошаркари прокнижија нови два бодови на табелата во Првата лига, откако пред своите гледачи во шестата рунда со убедливи 105-92 (28-24, 30-24, 34-21, 13-23) го совладаа тимот на Шкупи.
„Галебите“, во „Билјанини Извори“ во целост го оправдаа епитетот фаворит пред мечот победувајќи со 105 постигнати поени, со што ја продолжија победничката серија на три мечеви.
Гостите подобро го отворија натпреварот и поведоа со 8-3, а кошаркарите на АВ Охрид возвратија со 12-0 серија и прво поголема водство (15-8). Од тој момент до крајот на првата четвртина охриѓани не ја испуштија предноста и добија со 28-24.
Вториот период донесе голема возбуда, бидејќи кошаркарите на Шкупи во еден момент ја достигнаа предноста на АВ Охрид и на семафорот стоеше 40-40. Домашните кошаркари брзо се консолидираа и со две мини серии го вратија водството и на одмор заминаа со двоцифрена разлика (58-48).
Во третиот квартал „галебите“ уфрлија брзина погоре, гостите немаа одговор за играта на домаќините и разликата од минута во минута растеше и достигна 25 поени. После триесет минути игра избраниците на Петар Чочороски водеа со 92-69.
Последните десет минути шанса добија сите кошаркари во охридскиот состав, а Шкупи на теренот константо играше со најдобра петорка и успеа го ублажи поразот добивајќи ги со 23-13.
Во составот на АВ Охрид поентерски се истакна Реми Бери со 32 поени, по 18 прецизни беа Емир Зимиќ и Рос Кенет. Двоцифрен учинок имаше уште Цонков, а секогаш кога беше потребно тука беа Бранко Јанески со 9 и Антонио Донески со шест поени. Кај гостите најефикасен беше Афам Мујаке со 35 поени.
Охриѓани во седмата рунда гостуваат кај Блокотехна.
Фото галерија:
100-ка на охриѓани за победа против Шкупи.
Мх.П.