Антологијата Зен верс, во издание на Ирис Принт – Струга, е сосема различна од која и да е друга поетска антологија. Пред сè, затоа што застапува четири авторски имиња, хаику поети собрани на едно место – Охрид. Всушност, не ни може да се замисли друг топоним од којшто можат да потекнат во исто време поети на една извонредно специфична поезија на овие простори од Охрид. Па каде на друго место.
За прв пат приредувачот на книгата Пере Ристески се пројавува како автор на хаига (цртежи Јован Ристески), Маја Мојсова како автор на хаибунот, Соња Гаврилоска- Љулкова „плива“ во љубовните води на катаутата, а крајот е резервиран за Милован Србиноски со класични хаику творби.
Во предговорот на книгата Лилјана Пандева ќе нагласи: На читателот навистина му се нуди една ретка можност на едно место да се сретне со четири познати хаику форми. Можноста е ексклузивна затоа што секоја хаику форма е претставена со по 20 хаику творби од различни автори, што ја прави оваа збирка уште попримамлива за читателите, а историјата на книжевноста без какво и да е стегање Зен верс слободно може и треба да го забележи како уште еден континуитет на старата Охридска поетска школа.
OhridNews