Првиот случај на сојот Омикрон на вирусот SarsCoV2 вчера е детектиран во земјава, информираат од Министерството за здравство. Секвенционирањето е направено во приватната болница Жан Митрев во Скопје, кај маж кој во земјава допатувал од Велика Британија.

Станува збор за реинфекција, односно пациентот во јануари 2021 година ја имал прележано болеста и тогаш бил асимптоматски. По прележувањето на болеста, пациентот примил две дози од вакцината Фајзер. По втор пат позитивен тест на Ковид 19 има од пред два дена, по што е потврдено дека е сојот Омикрон, се вели во соопштението од МЗ.

Во моментот пациентот има лесна клиничка слика и се лекува во изолација во својот дом.

Ширењето на сојот омикрон во земјите од соседството и Европа ги врати задолжителните маски на отворани, како и забрани за новогодишни прослави, додека во САД беа откажани и повеќе од 200 летови на „Јунајтед“ и „Делта“.

Во соседна Грција веќе се во сила новите мерки – задолжителна маска и на отворено, а веќе потврдени се 33 случаи на Омикрон и 98, кои се сомнителни и се испитуваат. Паралелно се откажуваат сите јавни божиќни и новогодишни манифестации, а постои силна препорака за тестирање, како на посетителите кои пристигнуваат во Грција, така и на граѓаните пред празничните собири.

Поради зголемениот број на случаи на заразени со Ковид-19, Италија ги забрани новогодишните прослави и најави враќање на задолжително носење маски на отворено. Забрана за масовни дочеци на Нова година на отворено, донесе и Словенија, но им дозволи на угостителите да работат до раните утрински часови со задолжителни потврди за ковид и негативни тестови за сите, без разлика на ковид-статусот.

OhridNews