Во дворот на ресторанот „Виа Игнација“ во Вевчани од денес до недела ќе се одржува првиот Новогодишен базар.
Програмата на првиот базар во регионот, како што информира Ефимија Угриновска Кукоска изобилува со забава, работилници и многу изненадувања за најмладите, а вечерните часови се резервирани за забава за повозрасните.
Програмата почнува денес во 17 часот со активности за најмладите како сликање со Дедо Мраз, работилници за изработка на новогодишни украси, дружење со Мики, Мини, Пинк Пантер и др., како и штандови со чоколадо, лижавчиња, бомбони. Продолжуваме во 20 часот со настап на Охриската поп-рок група Балтер, истакна Угриновска Кукоска.
Детскиот забавен дел продолжува и во наредните два дена во истиот термин, додека в недела ќе почне порано, во 11 часот и 30 минути со детската театарска претстава „Новогодишна случка“ на Интимен театар Битола, а ќе продолжи со со диџеј Томе Рутбој. Во вечерните часови в петок присутните ќе ги забавува на Анита Мицова, а в сабота Љубојна.
Интересни за посетителите ќе бидат изложените ракотворби од локални производители на предмети и накит и тоа, Билјана Брило со накитот со суташ техника, Данче Копер арт со накит од бакар, Снешка со предмети од макраме, Ивана со накит од волна, како и Фарина со накитот од смола, информира Угриновска Кукоска.
Во рамките на настанот посетителите ќе имаат можност да уживаат во традиционалната храна и топли напитоци.
OhridNews