Првиот свечен час за академската 2021/2022 година Факултетот за туризам и угостителство Охрид го одржа во предворјето на катедралната црква Света Софија со што официјално ја започна новата академска година на најстарата високо образовна институција од областа на туризмот во нашата држава, која оваа година ќе ја спроведува настава на хибриден начин, дел со физичко присуство, а дел онлајн.
Во процесот на образование сме ние професорите, а од другата вие студентите, затоа би рекол дека денес не обединува еден ваков нов едукативен процес во кој ние сакаме да го дадеме својот придонес кон овој момент, им порача на новите студенти ректорот на Универзитетот Св. Климент Охридски, Сашо Коруновски.
На Универзитетот Св. Климент Охридски денес примаме нови 1300 студенти. Ние треба преку достигнување на мудроста да дадеме придонес кон нашата заедница. Образованието е најважниот ресурс на 21-от век и ако жалиме за нешто тоа е затоа што тие висококвалитетни луѓе кои овде се создале заминуваат во странство да бидат капитал, кој за жал западните земји знаат да го стават во функција, но учиме и ние и ви ги отвораме прозорците и можноста да одите напред и можете да споредите што е УКЛО и што се другите, многу блиску сме до тој дел на образование, секако со вашиот капитал и свежината на идеите кои ги носите, порача ректорот на Универзитетот Св. Климент Охридски- Битола, Сашо Коруновски.
Коруновски истакна дека се зборува за образовен процес кој не само што е верифициран од домашните институции, туку УКЛО е единствениот Универзитет во Македонија кој што добил надворешна евалуација од акредитирана единствена надворешна агенција за евалуација од Европа. Во поглед на наставата, додаде дека ќе се одвива на хибриден начин со цел зачувување на контактите кои се драгоцени во образованието на еден млад човек.
Деканот на ФТУ, Цветко Андреески им порача на студентите дека тие треба да бидат промотор на знаењето и културата на ФТУ, меѓутоа и на културата на Охрид. Тој истакна дека сите студиски програми кои ги нуди факултетот се креирани од страна на академскиот кадар и од страна на бизнис заедницата и истите ги спроведуваат 33 академски професори. Андреески додаде дека од кога постои ФТУ од 1977 година до денес, се запишани 20.490 студенти, од кои само 7100 студенти дипломирале до оваа академска година и покрај можностите кои ги нуди факултетот ги напомена и очекувањата од студентите
Очекуваме интерес за студиите и голем ангажман за совладување на наставата, професорите се разбира дека се тука за вас, меѓутоа вие сте оние од кои зависи вашето знаење, активно учество во процесите и работата на студентското собрание, учество на активности кои се дополнување на класичната настава, укажување на недостатоци во работата и предложување на дополнителни активности. Сите можности ќе бидат попусти ако останат само можности, истакна Андреески.
ФТУ има повеќе од половина век традиција во високото образование и е еден од најстарите факултети во државава, а како што рече Продеканот за настава Александар Трајков, е постар 10 години од вториот најстар Универзитет Св. Климент Охридски- Битола.
Ќе работите со повеќе од 30 професори, доктори на науки и ќе имате извонредни услови за студирање како што се современо опремени амфитеатар, предавални, и останати простории во факултетот. Можам да речам дека нашиот факултет е авангарда во нашата држава, особено ако се има во предвид дека сме буквално пионери во носењето на звања кои лесно се интегрираат на пазарот на труд. Сите студиски програми се дефинирани во две научни области од делот на туризмот и од делот на организациски науки односно менаџментот. Сите програми се акредитирани и меѓународно признати и сите се академски студии, порача Трајков
Претседателот на Факултетското студентско собрание Игор Пешевски ги запозна студентите со улогата на Студентското собрание и упати апел до бруцошите активно да се вклучат во работата на Собранието и им врачи награди во форма на Повелби на студентите кои реализираа успешни проекти како дел од Студентското собрание.
На денешниот настан се обрати Директорот на државниот студенски дом „Никола Карев“ Жарко Куциноски, кој им посака успех на студентите и порача дека студенскиот дом ќе отвори дополнителен конкурс за упис на нови студенти, како и Александра Дуковски, од SN осигурителен брокер од Битола кој веќе втора година имаат успешна соработка со Факултетот, и нудат можност за практична настава за студентите и нивно идно вработување.
К.А.