Голем број охриѓани, но и гости вчеравечер уживаа во звуците на чалгиските песни на најпознатиот трубадур и чалгаџија на сите времиња, Климе Садило. Музиката на Садило сведочи за традицијата и културата што се негувале во 19-от и 20-от век на овие простори.
Секако нема охриѓанец, а верувам и Македонец кој не слушнал и не посакал да ги чуе убавите звуци отсвирени на садиловото ќемане, а дека станува збор за невиден музички талент и гениј кој ја исцрта чалгиската традиција во Охрид говори и фактот што тој на најспецифичен начин, држејќи го гудалото во левата рака успевал на единствен препознатлив стил да ги отсвири нотите на најубавите охридски песни, рече на отворањето на овој прекрасен концерт, градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков.
Вечерва под месечевата светлина слушајќи ги препевите од Садиловци нурнуваме во нашето дамнешно минато, горди сме на нашата традиција и култура кои во суштина се генетскиот код на еден народ. Еден век по Садило се родиле нови трубадури, нови музички таленти кои тргнале по неговиот пат, па дури и го опеале овој врвен музички мајстор. Но, ниту еден од нив не успеал да ги дофати неговите височини. Тајфата на Садило која ја сочинувале Наум Курте на виолина, Паско Пепелко на лаута, Димче Карче на лаута, Кирил Кузманов- Катиљ на виолина, Ме(х)мет Исмаил-Утчи на ут, Ѓорѓи Чочег/овски на дајре и прерано починатиот син, Димче Садило кој свирел виолина, уште пред еден век докажале дека музиката нема граници. Тие биле една од ретките тајфи која свирела на забави и семејни веселби надвор од Македонија во Србија, Албанија, Бугарија, Америка, а дискографската куќа “Југотон“ издала грамофонска плоча со нивна музика.
Да, музиката е најголемата универзална вредност, додаде Пецаков, не познава простор и време, а се што е убаво е безвременско.
Такви се песните од тајфата на Садило. Тие не враќаат во едни убави времиња на серенади кога се пеело под пенџерите на своите сакани дами, кога се негувале вистинските вредности. И ноќва ќе се вратиме во тоа убаво време. Ќе уживаме во чалгиските песни на Садило изведени од нашите добри музичари, рече градоначалникот Пецаков во обраќањето пред почетокот на концертот.
Љубителите на чалгиската музика уживаа и аплаудираа на подзаборавените звуци и рефрени, а имаа можност и да го слушнат и звукот од виолината на нашата сограѓанка Александра Кузман.
Убаво е да се спомене еден човек, кој оставил печат на едно убаво време. Оставил многу отсвирени приказни, кои се уште сведочат за него. Неговата виолина, понекогаш тагувала, понекогаш го развеселувала народот. Таа никогаш не мирувала. Тој е Климе Садило, виртуоз на виолина. Се радувам што оваа моја иницијатива и замисла е реализирана и крунисана со концерт на „Чалгија саунд систем“, рече претседателот на здружението „Арт вивенди“, Ѓоко Алоски.
Во соработка, пак, со НУ Заводот и Музеј Охрид и Оливера Мишева присутните имаа можност да ја погледнат и изложбата со фотографии од Садило со тајфата.
Инаку, концертот беше реализан како дел од проектот „Заборавениот звук – во спомен на Климе Садило“, во организација на здружението за култура и уметност „Арт вивенди“, под покровител на Министерството за култура и со поддршка од Општина Охрид.
Н.С.Ј.