Повикот на локалниот инспекторат упатен токму до сопствениците на „викенд-станови“ за регистрирање на Заедници на куќен совет и подмирување на обврските, со предупредувањата за казнените мерки, во Охрид не вродија со плод. Најчеста причина е отсуството на сопствениците, но и незаинтересираност на дел од станосопствениците за соработка.

Во Охрид речиси нема зграда во која нема сопственици на викенд-станови кои најчесто не се тука.

Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески при неодамнешната посета на Охрид појасни дека во катастарските служби може да се провери кои се сопственици на становите во секоја од зградите и истите да се повикаат само на еден состанок, при формирањето на куќниот со совет.

Потоа тие немаат никакви обврски. Препорака до туристичките места беше да склучат договор за наплата преку трансакциска сметка, и оној надомест што ќе треба да го плаќаат станарите, зависно колку ќе одлучи куќниот совет, преку трансакциска сметка на траен налог да легнува на сметка на советот, за да може редовно да се измируваат обврските, рече министерот Јанакиески.

Јанакиески додаде дека законот дава можност станарите кои нема да ја исполнат законската обврска, да се пријават кај инспекторатот, а инспекцијата да ги казни оние кои не плаќаат.

Во Охрид се уште има згради чии станари немаат обезбедено комплетна техничка документација, а не поседуваат ниту имотни листови за купените станови. Тоа значи дека нив ги нема на списоците со станари во катастарските служби,така што формирањето заедници на станари навистина станува сизифовски труд.

OhridNews