–За управување и одржување на противпожарните авиони беа обучени шест пилоти, двајца авиоинженери и четворица механичари. Обуката се одвиваше во три фази од кои што првата се одржа во Италија, втората во Шпанија, а последната фаза овде во Република Македонија. Со завршување на оваа трета фаза, авио оделението ќе биде максимално оперативно и ќе може да дејствува на терен доколку оваа година има пожари –вели Шабан Салиу, Директор на Дирекцијата за заштита и спасување.
Тој потенцираше дека пилотите кои биле на обуката за управување со противпожарните авиони се искусни пилоти и големи професионалци, кои до сега имаат управувано и многу други авиони.
-Значи ова е еден вид на дообука за авионите кои што се набавени за полесно справување со шумските пожари. Се работи за три авиони од марката “Аир Трактор АТ802” кои имаат на располагање резервоари за вода од 3000 литри. Значи доколу се јави потреба, на терен за гасење на пожари ќе може да се реагира со вкупно 9000 литри –вели Салиу.
Тој нагласи дека Република Македонија како никогаш до сега е спремна да се вклучи во заштита од пожари од отворен карактер.
-Освен авионите ние преку Владата набавивме и 25 противпожарни возила од кои 15 се наменети за урбана средина додека пак десет се специјализирани за шумски пожари. Исто така во тек е набавката на пет супермодерни противпожарни возила кои се специфични во поглед на нивното дејсвување со кав-системи. Можам да се пофалам дека ние ќе бидеме единствената земја од регионот и пошироко која што ќе поседува вакви возила– рече Салиу.