Комплетно опремено модерно противпожарно возило, опрема за ППЕ за извршување брзи и опасни интервенции; како и комплет лична опрема за заштита на пожарникарите при интервенирање во гаснење пожари – во вкупна вредност од преку 300.000 евра, е донацијата од меѓународната асоцијација „Флоријан“, што ќе ја добие противпожарната единица од Охрид.
Меморандумот за реализирање на донацијата и намерите за соработка го потпишаа претставниците на „Флоријан“ и градоначалникот на Општина Охрид, Александар Петрески.
Со меморандумот за намери и соработка предвидено е донаторот да финансира и изврши комплетна двонеделна обука на двете екипи пожарникари во охридската Противпожарна служба, што ќе се реализира во мај годинава, кога и ќе биде доставена и донираната опрема.