Најавите од страна на одделни претставници на охридските Египќани, дека „ќе организираат масовни протести пред општината доколку ниеден нивни припадник не биде вработен во ЈП „Проаква“ и локалната администрација… “ не претставува ништо друго освен непримерен притисок врз институциите базиран на чисто етнички мотиви што е преседан во граѓанско општество во кое сите граѓани, без оглед на етничката и друга припадност се еднакви пред законот и спротивно на општоприфатените норми кои важат при вработувањето. Ова стои во писмената реакција на одделението за односи со јавност при локалната самоуправа, по повод обвинувањата што на адреса на градските власти ги упати Здружението на Египќаните.
Во таа смисла, се наведува во соопштението, притисоците со етнички предзнак треба да се толкуваат како опасна мајоризација на една група граѓани без да важат за неа условите кои се пропишуваат со институтот „оглас“ што, првенствено, подразбира соодветна квалификуваност, стручна подготовка и исполнување на бараните услови за работните места кои се огласуваат, а не етничка припадност.
Поделбата на граѓаните во општината врз етничка основа, што сака на свој начин да ја наметне некој претставник на охридските Египќани, не може да смета на никаква поддршка од страна на Градоначалникот и локалната администрација. Од друга страна, искажаната желба на Градоначалникот да се помогне во решавањето на тешката социјална положба на одделни сограѓани, нема никој право да ја присвојува како свој „мандат“ за вршење притисок по етничка основа.Оттука, спомнатото „барање“, го толкуваме како прикриено манипулирање со незавидната социјална положба во која се наоѓаат голем број сограѓани од разна етничка припадност, а со единствена цел да се најави нечијата подготовка за некакви наредни избори, се вели во соопштението на одделението за односи со јавност.
Инаку, Египќаните од Охрид најавија дека ќе организираат масовни протести пред седиштето на општината доколку локалната самоуправа не обезбеди соодветна застапеност на оваа етничка заедница во градската админитрација и јавните претпријатија.
Египќаните обвинија дека ниту еден припадник на оваа етничка заедница не бил примен на работа во МЈП Проаква на последниот конкурс, и побараа да се исполнат ветувањата од градските власти дека најмалку двајца Египќани ќе бидат вработени во локалната администрација. Според локалната самоуправа ваквите ставови претставуваат манипулација со чувствата на припадниците на етничките заедници и неодговорен однос на одделни претставници на Египќаните, кој води кон поделби во општеството.
ohridnews