Во организација на Граѓанската иницијатива „Учебници и настава мора да има“ денеска се одржаа протести во повеќе градови во земјава, меѓу кои и Охрид. Учесниците бараат преку референдум граѓаните да имаат можност да се изјаснат за образовните реформи.

Од Иницијативата се против донесувањето на новиот Законот за учебници за основно и средно образование со кој, меѓудругото, се предвидува дигитализација на учебниците.

Прво бараме хартиените учебници задолжително да останат во употреба за сите одделенија во основното и средното образование. Второ, да се креираат протоколи за одржување настава со физичко присуство во услови на пандемија. Трето, задолжително присуство на претставници на групата и од граѓанскиот сектор во работната група за измени во законот за било кави реформи во образованието, велат од Иницијативата.

Оваа иницијатива посочува дека нема да се дозволи децата да бидат предмет на тестирање со дигитализацијата.

Реформи да, потребни се вистина е дека децата се преоптоварени со непотребни информации кои се дел од моменталните учебници, но, отскокнување во образовниот процес, воведување на целосна дигитализација, кратење предмети како историја и особено мајчин јазик не се решение за напредок во образованието на децата, истакнуваат од Иницијативата.

Во Охрид протестот против најавеното дигитализирање на учебниците, се одржа пред зградата на општината.

Реагираше Министерството за образование и наука, од каде веплат дека, причината поради која се користи правото на протест, не е оправдана.

Апсурдно е да се протестира против дигитализација на образованието, ако се има предвид дека тоа е глобален процес кој се случува во голем број земји во светот, а С. Македонија мора да фати чекор со современите трендови и да се приближува кон стандардите за квалитет на образование, кои ги наметнуваат развиените општества, велат од МОН.

Оттаму потенцираат дека промени мора да се случат. Новините, нагласуваат од Министерството, се предизвик за сите, но, од нив не треба да се откажуваме, туку напротив заедно и транспарентно да продолжиме да работиме на нивно интегрирање во системот.

Законското решение кое се однесува на материјалите за учење е целосно во согласност со времето и ерата на ИТ технологијата во која младите живеат и за најголем дел од нив, примената на електронски уред за совладување на одредена наставна материја или тема, пребарување и истражување на податоци преку интернет не претставува проблем, туку вообичаена практика која со законот ќе стане достапна за сите, вклучително и за учениците од социјално ранливите семејства, се вели во денешното соопштението од МОН.

На протестите реагираше и владејачката СДСМ, од каде велат дека позади Граѓанската иницијатива „Учебници и настава мора да има“, всушност стои ВМРО ДПМНЕ.

Пратеничката од Охрид Жаклина Лазаревска, пак, смета дека упорно се мешаат поимите што е дигитален учебник а што онлајн настава.

Учењето ни сега ни било кога не треба да се сфати како читање на содржини од учебник, туку како сложен интерактивен процес во кој наставникот преку најразлични методи и форми на работа , користејќи дидактички средства, помагала и техники ја презентира наставната материја пред учениците а тие со активно учество и интеракција ги совладуваат и учат новите наставни содржини. Ништо од наставата ако учениците не научат над 80% од материјата на часот! Учебниците и сега и понатаму треба да бидат рамка во која треба да се движат но не и ограничуваат знаењата на учениците за предметот за кој се однесува учебникот. – истакнува Лазаревска.

Таа посочи дека не е вистина оти учебниците во пишана форма ќе бидат исфрлени од употреба, напротив, тие квалитетно ќе бидат изработувани и натаму, како и дека за тие што немаат средства и ранливите категории ќе бидат обезбедени печатени и дигитални учебници, додавајќи дека никој не кажал дека со образовните реформи тоа нема повеќе да биде така.

OhridNews