Жителите од стариот дел на градот бараат Советот на општина Охрид да ја одложи расправата по точката од дневниот ред за продолжување на работното време на угостителските објекти. Тие денеска пред почетокот на 28-та седница, која е закажана во 10 часот, ќе одржат протест пред зградата на општината со цел да издејствуваат одлагање на точката за продолжување на работното време на угостителските објекти, кои според нив, се причина број еден за зголемената бучавост во ноќните часови во стариот дел на Охрид.
Тие бараат советниците сериозно да го земат во предвид извештајот што на нивна иницијатива го изготви Републичкиоит завод за здравствена заштита-РЗЗЗ, во кој се наведува дека жителите од стариот дел на градот се изложени на зголемена бучава која е штетна по здравјето. Мерењата спроведени на повеќе пунктови, покажале дека граѓаните од оваа населба се изложени на поголема бучавост од дозволената.
РЗЗЗ неодамна спроведе истражување на негативните ефекти од бучавата, при што било констатирана зголемена вознемиреност и нарушување на спиењето кај луѓето кои живеат во овој дел на градот.
Во заклучокот на РЗЗЗ, стои дека здравствената состојба на испитаната популација укажува дека треба да се преземат мерки за намалување на нивото на бучавата особено во текот на ноѓта, со цел да се превенира влошувањето на здравствената состојба кај хроничните болни и да се спречи појавата на нови заболувања.