Неколку стотини работници зедоа учество на протестот што во организација на Сојузот на синдикати на Македонија, се одржа денеска во Охрид. На  протестите покрај синдикалците од Охрид, учество зедоа и работници од Кичево, Струга и Дебар.



Протестите се организираат поради последните измени на Законот за работни односи, нефункционирањето на социјалниот дијалог, неутврдувањето на минимална плата, нискиот животен стандард  и зголемувањето на цените на основните животни производи и недоследната примена на Законот за материјално обезбедување на невработените лица поради приватизација на претпријатијата со доминантна сопственост на државата во периодот од 2000 до 2004 година.



-ССМ бара по итна постапка донесување закон со кој ќе се укинат последните измени и дополнувања на Законот за работни односи и социјален дијалог,   дополнувања на Законот за пензиско и инвалидско осигурување, како и донесување на закон со кој материјално ќе се обезбедат сите стечајни работници прогласени за технолошки вишок согласно Законот за работни односи со над 25 години работен стаж. Исто така бараме со закон да се утврди и минимална плата, а услов за пензионирање покрај возраста да биде и работниот стаж, како и да се преземат соодветни мерки за сузбивање на појавите на зголемување на цените на основните прехранбени продукти, ни изјави Драган Цветаноски од општинскиот синдикат Охрид. Покрај кон владата, тој упати критика и до работниците кои не излегоа на протестите, велејќи дека токму тие ќе ги сносат најголемите последици од лошите законски решенија.



Порака од протстот упати и Драган Јовановски од ССМ, кој истакна дека крајно време е во Македонија да започне социјален дијалог за решавање на работничките права, кои со новите законски решенија се загрозени. Тој не смета дека поради поддршката од опозицијата протестите добиваат политичка конотација. Напротив, тука има припадници на работничката класа од сите партии, што доволно зборува за целта на протетстите, рече Цветаноски.



Протетстот на синдикатот во Охрид го поддржа и општинската организација на СДСМ, а во првите редови беше и пратеникот од Охрид Томе Чингоски. Тој рече дека поддршката е искрена и не е мотивирана од дневната политика. Притоа, Чингоски рече дека неговата партија и натаму ќе продолжи преку амандмани и предлог закони да се спротистави на владината политика, која како што реше не е во интерес на граѓаните.

Г. Момироски