Охридските средношколци, во четврток ќе излезат на протестен марш на улиците низ Охрид. Според најавите, маршот ќе започне пред охридската Гимназија и ќе заврши на плоштадот во Охрид.
Инаку и денес во ОСО „Свети Климент Охридски“ продолжи бојкотот на наставата кој е организиран од страна на Средношколскиот пленум. Како и во останатите средни училишта во кои учениците ја бојкотираат наставата и во ова училиште веќе два дена наместо класична настава, се одржуваат алтернативни часови.
-Денеска на бојкотот на учениците од трета и четврта година се приклучија и учениците од прва и втора година кои намаа часови во правата смена. Дополнително ќе биде одлучено дали учениците од овие наставни години ќе продолжат со бојкот на наставата и во текот на наредните денови, информираа дел од учениците од трета и четврта година од Охридската Гимназија.
Тие објаснија дека протесниот марш кој е закажан за утре е веќе пријавен во СВР Охрид и се надеваат дека нема да има никакви проблеми при неговото реализирање.
Гимназијалците го поддржаа Средношколскиот пленум во барањата до Министерството за образование и наука и министерот Абдилаќим Адеми да ги стопира, како што велат, лошите реформи во образованието, односно да биде вратен стариот концепт на државна матура и укинување на екстерното тестирање за учениците.
-Новиот концепт на државната матура негативно се одразува и врз сегашните матуранти и врз идните и не придонесува за повисок квалитет и повисоки знаења. Тука е вклучено и електронското полагање и полагањето во седум дена кое за нас е многу напорно, несигурно и неприфатливо. Се додека нашите барања, односно барањата на Средношколскиот пленум не се сослушаат и не се почне со нивно решавање, ние ќе им се приклучиме на нашите соученици од другите градови и ќе ја бојкотираме настабата. Воедно бараме враќање на стариот концепт на државна матура од 2013 година, беше истакнато вчера во прогласот што беше прочитан пред Охридската Гимназија.
OhridNews