Новинарите денеска ќе одржат протестен марш во Скопје во знак на незадоволство од состојбите во медиумската сфера.
„Но овој протест не е е ексклузивно заради тоа. Причините, за жал, се монгубројни. Овој протест е заради колегите кои се принудени да потпишат спогодбен отказ уште при вработувањето па преку ноќ се избркани, заради оние кои со месеци работат без плата, за оние на кои не им се плаќаат пензиско и здравствено осигурување, за хонорарците кои го носат најголемиот товар на работата, а се обесправени, за дописниците кои се третирани како граѓани од втор ред, заради тонците, реализаторите, светлаџиите, снимателите, за пријавените на скратено работно време, за плаќањето во кеш и бонови, заради претпоставените кои наместо новинари станаа алатка за дисциплинирање, за директните уцени, заради сите непочитувања на законот за работни однсои кои мораме да ги одмолчиме“, истакна претседателот на ССНМ, Тамара Чаусидис.
Протестот го поддржа и ЗНМ, чиј претседател Насер Селмани смета дека новинарите треба да покажат храброст дека незаконските откази не ги плашат, жестоко да реагираат и со легални средстав да ги заштитат своите права.
„Ние како еснаф имаме право да имаме различни ставови за генералната сосотојба на медиумите во Македонија. Меѓутоа, ние мора да се обединиме околу тоа дека газдите не можат да отпуштаат новинари надвор од законска процедура. Ние сме свесни дека и во светот се отпуштаат новинари и се затвораат медиуми, меѓутоа во нормални земји овој процес е транспарентен во дијалог со синдикатот и не се остава никакво сомневање дека причините за затворањето или отпуштањето се некој други освен економски“, изјави Селмани.
Поддршка на протестот изрази и Македонскиот институт за медиуми (МИМ).
Од МИМ ги повикуваат соработниците и колегите новинари и медиумски професионалци да се приклучат кон овој протест, со цел, како што се вели во соопштението, да ги поддржат барањата на организаторите кои ценат дека се од големо значење за надминување на проблемите во медиумите.
– Изразуваме сериозна загриженост за најавеното затворање на весниците Време, Шпиц и Коха е Ре, како и за најавите за редуцирање на информативната програма и функционирањето на А1 ТВ. Укажуваме на неопходноста од неселективна и доследна примена на законите и процедурите во постапките на надлежните органи поврзани со издавачот и сопственикот на споменатите медиуми. Секое затворање на медиум е загуба за демократијата и за јавната дебата, како главен инструмент за контрола и влијание врз носителите на моќта во општеството, се вели во соопштението од МИМ.
Апелираат до сопствениците на медиумите, до сите надлежни институции и до колегите во медиумите за преземање суштински чекори за надминување на проблемите во медиумската сфера.
Кон протестот на новинарите се придружува медиумската заедница од Охрид и Струга.