Жителите на седум струшки села, кои гравитираат на потегот кон граничниот премин Ќафасан, со 30 минутна блокада на магистралниот пат Струга – Ќафасан искажаа револт за лошата состојба на коловозот и неисполнетите ветувања за негова реконструкција. Тврдат дека секоја година добиваат ветување за реконструкција на овој патен правец, но добивале само лошо санирање на дупките, кои се небезбедни за сообраќај.

Претседателот на месната заедница – Радолишта, Џевдет Даути вели дека уште пред пет – шест години им било ветено нов асвалтен слој, но биле пополнувани само големите дупки и за еден месец се враќале во првобитната состојба.

Отворени беа големи дупки, кои ги полнеа со тампон и за месец – два дупките се појавија. Потоа ги наполнија со ладен асфалт, за еден месец повторно го немаше. И сега се полнети со тампон, ама фатија дождови тампонот се ископа, истакна Даути.

За лошата состојба на магистралата, која ја поврзува нашата држава со соседна Албанија, говореше и Монди Каљоши, кој ги дупнал двете гуми удирајќи во дупка.

Патот е многу небезбеден. Паднав во дупка двете гуми ги дупнав, погоре кај гробиштаа во Радилошта ја удрив колата во дупка, кој ќе ја плати штетата, изјави Каљоши.

Шкелзен Арулаи од село Радолишта заблежа дека во близина на бензиската кај селото Теферич имало дупка длабока 32 центиметри.

Патот има многу дупки, ги затвораат со тампон и за еден месец повторно е отворена. Во близина на бензиската има огромна дупка, је мерев 32 центиметри длабока, ако падне некој во неа, може да се случи страшна незгода. Проблемот мора да се реши додека не се случила трагедија, нагласи Арулаи.

Мештаните од селата Радолишта, Теферич, Франгово, Фиеришта, Шум, Заграчан и Калишта побараа средба со надлежните и што поскоро надминување на проблемот, односно реконструкција на магистралата Струга – Ќафасан, во спротвино најавија помасовни протести и блокирање на патот, пренесува МИА.

OhridNews