Вработените во Националната установа национален парк „Галичица“ утрово  одржаа мирен протестен собир, на кој искажаа незадоволство од одлуката на владата за назначување на надворешно лице за нов директор на установата, без објавување на конкурс и одлука на Управниот одбор

Тие истакнаа дека под водство на, според нив, се уште актуелниот директор Андон Бојаџи, инаку шумарски инженер долги години вработен во установата, паркот за само 14 месеци значително го променил начинот на работа и од речиси целосно зависен од искористување на природните ресурси, се трансформирал во модерен парк со одржливо искористување на ресурсите.

-Под водство на нашиот директор Андон Бојаџи, обезбедени се средства од меѓународни фондови и поставени се темели за непречено функционирање на паркот во наредните 10 години, без притоа да ги сечеме нашите шуми за да го финансираме работењето на службите. Навистина за нас е несфатливо зошто сега некој сака да врши промена на дироекторот со што ќе се загрозат постигнатите договори со меѓународни фондации, кои најавија стопирање на првата транша помош од околу 150.000 евра доколку дојде до промени во управувачката структура на паркот. Треба ли да се случи уште еден случај како НП Пелистер кој изгуби 3 милиони евра помош поради истите причини. Вака не може, ред е државатада не праша и нас вработените пред да донесе одлука за нашата иднина. Доколку ова се спроведе НП „Галичица“ ќе се врати 10 години назад.– истакна на протестниот собир Наумче Новески, вработен во НП Галичица.

Доколку државата не ги чуе барањата на вработените во НП Галичица кои се противат на смена на нивниот директор, тие најавија дека согласно законот ќе стапат во штрајк, а во меѓувреме правните служби на установата ќе ја испитаат целокупната процедура за назначување нов директор на НП „Галичица“.

Со одлука на владата, за нов директор на НП „Галичица“ назначен е Васко Паскали, по вокација правник и актуелен секретар на ОО СДСМ Охрид. Дознаваме дека тој со решение денеска дошол на новото работно место, но вработените во установата најавија дека нема да ги извршуваат работните задачи се додека не се расветли случајот.

 

OhridNews