Целосна забрана на продажба на смртоносно опасни отрови и строга контрола по земјоделските аптеки, е едно од барањата кои ќе бидат искажани на утрешниот протест на Љубителите на животни и активисти за заштита на животните, што ќе се одржи со почеток во 11 часот пред седиштето на Агенција за храна и ветерина, а под мотото „Живот за ЖИВОТните“.

Организаторите потенцираат дека протестот е организиран од повеќе граѓани ширум земјава, зад кои не стои ниедна организација, затоа што не можат повеќе да ја толерираат непримената на законите и затајувањето на институциите во однос благосостојбата на животните. Особено во фокус на протестот ќе бидат труењата и отровните супстанци кои иако забранети со закон сепак се наоѓаат во продажба.

Учесниците на протестот бараат и: продажба на дозволивите отрови наменети за земјоделски култури исклучиво да е со земање лични податоци и теренска контрола при аплицирањето на истите; Цврста и координирана соработка помеѓу АХВ и МВР, со можност за создавање и посебен сектор во МВР кој ќе постапува во однос прекршувањата на Законот за заштита и благосостојба на ЖИВОТните и Кривичниот закон поврзан со повреда на правата на ЖИВОТните (член 233 и член 234); Сериозно и крајно професионално постапување од страна на ветеринарните инспектори, а доколку затаат по однос пријавен случај да следуваат соодветни санкции; Целосна примена на Законот за заштита и благосотојба на ЖИВОТните од секоја локална самоуправа, стерилизација и вакцинација на бездомните ЖИВОТни на товар на општините со средства од државата/единиците на локалната самоуправа и ваучери за стерилизација на миленици; Секоја општина да формира прифатилишен центар, со обучена шинтерска служба и вработени лица докажани љубители на ЖИВОТни, со целосна примена на методата Залови, Стерилизирај, Вдоми или Врати на место на заловување; Создавање целосен регистар на бездомни и домни кученца со служба која теренски ќе врши континуиран мониторинг во соработка и со активистите за заштита на ЖИВОТните; Итна максимална казнена мерка затвор за лице за кое има доволен број сведоци и доказен материјал дека убило кученце/маченце како би било за поука за спречување можна појава на некои идни такви монструми; Постапување по пријавите за борби со кучиња со максимални казни за сторителите; Строга забрана и казнување на општините кои дислоцираат бездомни кучиња најчесто на депонии или во други населени места.

На протестот ќе биде изведен и мал перформанс.

OhridNews