Охридските таксисти одржаа двочасовен авто протест низ улиците во центарот на градот, незадоволни од одлуката на Советот за пребојадисување на возилата и високата цена на лиценците. После неколкуте „круга“ низ центарот на градот, стотина таксисти ги запреа своите возила по цела должина од улицата „Димитар Влахов“ односно пред зградата на Општината.
Таксистите велат дека немаат намера да ја испочитуваат одлуката на Советот бидејќи тоа за нив е дополнителен финансиаки товар. Граѓаните пак сметаат дека такси возилата треба да се унифицирани. Секаде во светот такси возилата се со иста боја, треба да има ред велат тие.
Незадоволството на таксистите кулминираше со нивната одлука да влезат во Општината и по секоја цена да се сретнат со некого од Локалната самоуправа кој би ги чул нивните барања. Претседателот на Советот Владо Чингоски и раководителот на секторот за сообраќај се сретнаа со големиот број таксисти.
„Дојдени сме да издејствуваме измена на одлуката за специфично бојадисување на возилата, односно се` додека трае важноста на лиценцата, општината да не ни дава никакви додатни услови. До истекот на лиценците да возиме со налепници, како таксистите во Струга, а потоа со новата лиценца и нови услови за работа. Тоа би можеле да го почитуваме. Сегашната одлука – НЕ!“ беа дел од барањата и условите на таксистите – штрајкувачи.
Во салата на Општината, во мачна атмосфера, со дофрлања и упаѓања во збор, на многупати и оддалечување од темата не дојде до никаков суштински договор.
„Вашите мислења ќе ги изнесам на координативниот состанок со партиските групи во среда. Но, со ваков притисок тешко дека нешто може да се смени. Одлуката ја донесе Советот пред повеќе од една година, со неколку пролонгирања, па и ова последното до 30-ти мај 2007. Законот треба да се почитува“ рече претседавачот на Советот Владо Чингоски. „А што се однесува до вашите забелешки за активностите на необележените и нелегални (диви) таксисти, тие се оправдани и инспекциските служби треба подобро да работат“ додаде тој.
Такситите уверуваат дека работата ќе ја тераат до крај, „ако треба ќе ги блокираме сите улици“ велат тие.
Г. Момироски
С. Костоски