Околу 400 матуранти од трите средни училишта во Охрид, денеска протестираа низ улиците на градот против воведувањето државна матура која од оваа учебна година станува задолжителна.
Протестираме против воведувањето државна матура, ни изјави претседателот на средношколската организација на СУ „Свети Климент Охридски“, Бобан Пашоски.
„Дури и сегашниот премиер пред една година истакна дека и оваа генерација нема да полага матура, но побитно од тоа е што ние не сме доволно спремни затоа што учиме по стара програма и немаме соодветни учебници за да се подготвиме за матурата која е направена по европски стандарди, а ние учиме по македонски стандарди“, додаде Пашоски.
Според него доколку се воведува државна матура треба да им се каже на учениците уште во прва година, а не кога тие ќе стигнат во трета или четврта година.
Ќе протестираме само денеска за да и` кажеме на јавноста и на врсниците од Скопје, Штип и од другите градови дека и охридските матуранти се против воведувањето на државна матура, рече Пашоски.
Пашоски информираше дека Средношколската унија испратила допис до Владата и изрази надеж дека ќе дојде до разговори со неа со што ќе се разреши проблемот. Од исходот на разговорите, односно од тоа дали ќе се полага матура ,ќе зависат и идните активности на средношколците, објасни Пашоски.
За време на мирните протести охридските матуранти продефилираа низ центарот на градот, а кратко се задржаа и пред зградата на општината. Протестите на матурантите ги обезбедуваше полицијата.
Г. Момироски