Координативното тело на Конференцијата за координација на Македонците од Егејскиот дел на Македонија, упати писмо до Амбасада на САД во Република Македонија и Канцеларија на Европската комисија во Република Македонија, во кое се бара мониторинг мисијата која се наоѓа во посета на Грција, да ја посети и Македонија за да се увери во голготата на протераните Макдонци од Северна Грција. Во соопштението за јавност се вели:
                     
„Во деновите од 13 до 16 септември 2008 година, специјална група емисари на САД, преставници на американскиот конгрес се во посета на Република Грција во мисија чија задача е да направат согледување околу прашањето на егзистирање на малцински народи во грчката држава, кои грчките власти ги дискриминираат и не им ги признаваат основните човекови права. Во тој контекст грчкиот правен и уставен систем ги негира и националните права на тие народи, бидејќи не ги признава како малцинства кои живеат во Грција заедно со мнозинскиот грчки народ.

Координативното тело на Конференцијата за координација на Македонците од Егејскиот дел на Македонија, ја поздравува мисијата на американските конгресмени и изразува согласност со целите на мисијата – оценка за постоењето на македонското малцинство во Грција, покрај постоењето на другите, исто така непризнати  малцинства (турско, влашко, албанско, ромско)

Координативното тело на Конференцијата ја моли амвасадата на САД во Скопје, Република Македонија, во граници на своите овластувања, да ја покани конгресната мисија во Република Македонија, да овозможи и да обезбеди услови таа да се сретне со преставниците на Координативното тело на Конференцијата за координација. Како преставник на асоцијациите на здуженијата на Македонците од Егејскиот дел на Македонија кои веќе шеесет години трпат дискриминација од страна на грчката држава по многу основи спротивно на меѓународните норми (одземено државјанство, забрана за враќање во родните огништа, забрана на употреба на македонскиот јазик, промена на имињата и топонимите, неиздавање визи за влез во Грција и комуникација со своите роднини и сонародници, насилно и противправно одземен имот и др.) Координативното тело има потреба, интерес и одговорност пред своето членство да ја запознае изворно американската мисија со овие прашања. и барања. Бараме, доколку е тоа можно да се искористи присуството на мисијата во Грција  и овие денови таа да ја посети и Република Македонија заради остварување на предложенава средба.

Исто така, Координативното тело на Конферецијата за координација се обраќа преку и до преставниците на Европската Унија во Република Македонија да го кренат гласот против дискриминациите на Република Грција како членка на Унијата кон македонскиот народ во целина и кон македонската држава во континуитет. Со своето недемократско однесување, властите на Република Грција го рушат и достоинството на европските норми за почитување на човековите права и слободи“.  

              КТ на КК на МЕМ
                                                                           Координатор
                                                                     Методија Тошевски