Два авиони на Руската Федерација денеска во попладневните часови се очекува да пристигнат на аеродромот во Софија за да ги однесат протераните 70 дипломати и вработени во руската амбасада и нивните роднини, јави БНР.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, според непотврдени информации, вкупниот број руски државјани кои ќе ја напуштат Бугарија е над 100 лица.

Двата лета се закажани за денеска попладне.

Бугарскиот премиер во заминување, Кирил Петков, на 28 јуни соопшти дека неговата земја протерува 70 руски дипломати и технички персонал од руската Амбасада во Софија. Исто така се протерува и перосналот на руските генерални конзулати во Русе и Варна.

Главниот аргумент на бугарските власти за прогласувањето на повеќе од овие 70 руски дипломати за персона нон грата е тоа што тие се занимавале со активности некомпатибилни со нивниот дипломатски статус и со шпионажа.

Ова најмасовно протерување на руски дипломати од Бугарија доведе до влошување на односите меѓу владејачката партија „Промените продолжуваат“ и Бугарската социјалистичка партија, при што Корнелија Нинова побара премиерот во заминување да се повлече од функцијата кандидат за премиер во втората влада на неговата партија.

Истовремено, руската амбасадорка Елеонора Митрофанова и постави ултиматум на бугарската Влада да остави зад себе дел од дипломатите на нејзината земја и се закани дека Русија може да ги прекине дипломатските односи со Бугарија.