Големи количини градежен шут повеќе од еден месец ги прекриваат зелените површини и дел од патеката кај некогашниот хотел Парк. Имено, по неговото рушење, градежниот шут наместо да се депонира на соодветна локација, од време на време се натапкува и од него се формираат цели “планини”.

Граѓаните кои секојдневно пешачат на овој потег револтирано коментираат дека годинава Парк се наоѓа во, до сега, невидена лоша состојба.

“ Зошто беше неопходно да се руши хотелот пред сезоната? Сега ниту некој може да доаѓа на плажа, зелените површини се запуштени и обраснати со високи треви, а патот речиси е блокиран од огромните количини градежен материјал и шут” , велат тие.

Од општинскиот инспекторат, кој помалите градежни компании и за многу помал прекршок веднаш ги казнува, велат дека се превземаат соодветни мерки.

“ На сопственикот на хотел Парк му е укажано дека мора да го отстрани градежниот шут, а издаден е и налог за негово отстранување” , вели Танас Танасоски, првиот човек на општинскиот Инспекторат.    

Неодамна, градоначалникот Петрески за еден од локалните медиуми најави дека надлежните служби постојано ќе ја  следат состојбата со градежниот шут кај Парк односно ќе контролираат дали неговото несооодветно третирање е само привремено. Доколку тоа се случува подолг временски период, Локалната самоуправа ќе превземела соодветни мерки и санкции.

Од ЈП Комуналец објаснуваат дека најчесто градежните компании сами го транспортираат шутот до депонијата Мауцкер. “ Комуналец” врши услуга и го превзема шутот единствено по претходно барање на сопственикот на објектот и склучен договор. Засега, такво барање од страна на сопственикот на хотел Парк не е доставено до Комуналното претпријатие. Единствена локација на која легално се депонира и чува градежниот шут е депонијата Мауцкер.   

Т. К.