Продолжувањето на рокот до 20 февруари да се отстранат сите забелешки за лошото управување со заштитеното културно и природно наследство на Охридскиот регион, што на барање на македонската владина делегација го одобри Комитетот за светско наследство на УНЕСКО на заседанието во Баку, мора сериозно да ги покрене институциите. Тие сега за само 6 месеци треба да ги поправат грешките направени во изминатите три децении, кои Охридскиот регион го доведоа на чекор од ставање на Листата на заштитени подрачја во опасност. Од Владата која неставањето на Охрид на оваа листа го смета за дипломатски успех, велат дека резултатите можaт да се испорачаат.

Време е за заедничко координирано делување. Простор за компромиси по ова прашање нема. Ја користам оваа прилика да ги повикам претставниците на граѓанските организации и сите граѓани заеднички да го водиме овој процес.

Едмонд Адеми – Шеф на владината делегација во Баку

Екологистите се сомневаат дека нешто значајно може да се направи во заштитата на загрозеното културно и природно наследство на Охрид. Сметаат дека одлуката на Комитетот за светско наследство повеќе е плод на политичко лобирање отколку на резултати. Според нив македонската влада во Баку ја жртвувала можноста да добие меѓународна помош за спас на Охридскиот УНЕСКО Регион.

Впишувањето на Охридскиот Регион на Листата на светско наследство во опасност требаше да се зграби како огромна шанса, можност да се добие меѓународна помош, да се преземат ригорозни корективни мерки, земјата да добие на располагање стручњаци од светски ранг во областа на заштитата на природното и културното наследство, па дури и да се искористи и финансиска поддршка. Колку само полесно ќе беше да се бара помош за обнова на колекторот кога финасиерот знае дека спасува бесценето природно богатство. Исто така, впишувањето на листата во опасност ќе беше повеќе од потребното алиби за власта конечно да се справи со урбаната мафија и да фати нов курс за одржливо управување на Охридскиот Регион.

Охрид SOS

Реактивната мисија на УНЕСКО во 2017 година по извршената инспекцијата на Охридскот регион, испорача 19 барања од кои целосно се исполнети само три. Меѓу нив е прогласување мораториум за градба до донесување на Планот за управување со Охридскиот регион, како и отстранување на дивоградбите во заштитените зони, кои според пописот што го го направи општината ги има над 400. Времето за акција тече.

Г.М.