Пред бројната публика, синоќа на Античкиот театар настапи „ Howard Gospel“ хорот од САД кој ги сплоти посетителите од различни националности во духот на песните за славење на Господ Исус Христос, на верата во Него и на љубовта. Претседателот на хорот, Брендон Кокс ,  изрази  задоволство што хорот настапува токму  на 55-тиот роденден на фестивалот.

„ Сакаме да се заблагодариме пред сите вас за поканата, на одговорните за фестивалот и на американскиот амбасадор Џес Бејли. Ова е незаборавно доживување за нас. Градот е едноставно магичен и многу ни се допадна се што успеавме да видиме, особено езерото. Вечерва сакаме да уживате целосно во звуците на Евангелието и заеднички да му  оддадеме слава на Исус. “ – возбудено извика кон публиката, предводникот на хорот.

Речиси два часа публиката имаше можност да го проследи настапот, неверојатната енергија на сцената, завидните вокални можности на членовите на хорот и импресивната изведба на современи и традиционални американски госпел – песни. „ Amazing grace“, „ Glorious God“, „ O happy day“, „ Glory to God “ беа само дел од  богатиот репертоар на хорот проследен со интересни сценски ефекти и кореографски движења.

„ За роденденот на Охридско лето, секоја година се трудиме да направиме нешто поразлично, свежо, атрактивно и да донесеме ексклузивни гости – уметници.  Претходните години ги имавме  Немања Радуловиќ,  Перпетуум Џезиле и оваа година одлучивме да биде спој на новото и традиционалното. Мислам дека настапот на овој хор ги надмина нашите очекувања, судејќи според реакциите на публиката.“- изјави за Охридњуз селекторката Гордана Јосифова- Неделковска.

Пораката на Дарел Броу, одговорен за диригирањето е: „ Нашата цел е  преку песните да го прославиме Господ и навистина беше добра и пригодата за овој настап, односно  да се прослават 55 години од кога започнал фестивалот. Јас би сакал да ве охрабрам никогаш да не се откажувате од Господ затоа што Тој ни вети дека никогаш нема да не напушти, ниту заборави, рече Броу.

Публиката со позитивни реакции за вчерашниот настап.

– Се гледа дека овие студенти се ислучително посветени на тоа што го работат и дека од срце го сакаат  и веруваат во тоа, имаат страст и толкав ентузијазам.

– Секоја чест за изборот на овој хор. Одамна не сум поминала толку добро на концерт. Мислам дека ретко слушаме ваков тип на музика, но сепак е добро да се слушне нешто поразлично, особено ако е толку искрено и добро осмислено.

– Со нивната позитивна енергија,  оригинален настап и инзвондредни вокални можности успеаа да ја подигнат целата публика на нозе. Незаборавна атмосфера која не понесе, изјавија дел од посетителите.

По завршувањето на концертот, со свечен коктел на плажата Парк“, фестивалот „Охридско лето“ го одбележа својот 55-ти роденден.

„Охридско лето“ продолжува и натаму со засилено темпо да ја реализира предвидената програма и да и ги претстави на бројната публика најквалитетните уметници од областа на музиката и театарот.

Ивана Чичоска