Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во јануари годинава изнесува 21.828 денари и е за 2,3 отсто повисока во споредба со овој месец лани. Просечната бруто-плата, пак, е 32.051 денари и е повисока за 2,6 отсто. Во јануари годинава 1,3 отсто од вработените не примиле плата.
Според податоците на Државниот завод за статистика, зголемувањето на нето платата се должи пред се на повисоките исплатени плати во секторите Други услужни дејности (8,4%), Уметност, забава и рекреација (6,7%) и Дејности на здравствена и социјална заштита (6,1%).
Намалување на просечната месечна исплатена нето-плата во однос на претходниот месец, е забележано во секторите Стручни, научни и технички дејности (18,2%), Земјоделство, шумарство и рибарство (7,7%) и Преработувачка индустрија (7,1%).
Зголемувањето на просечната месечна исплатена бруто-плата по вработен, пак, е резултат на повисоките плати во секторите Други услужни дејности (8,3%), Уметност, забава и рекреација (7,8%) и Дејности на здравствена и социјална заштита (6,4%).
Намалување на просечната месечна исплатена бруто-плата во однос на претходниот месец има во секторите Стручни, научни и технички дејности (14,9%), Земјоделство, шумарство и рибарство (7,6%) и Преработувачка индустрија (6.9%).
OhridNews