„Младите имаат потенцијал и заслужуваат поголем простор во политиката“ е пораката која произлезе од вчерашната дискусија меѓу подмладоци на политичките партии организирана од Фондацијата за демократија на Вестминстер. На настанот беше промовирана анализата „Младинско политичко отсуство“ која разгледуваше две теми: присуството на младите на листите на кандидати за парламентарните избори 2020 и застапеноста на политиките за млади во програмите на политичките партии.
Анализата на програмите на политичките партии покажува дека младите се важна тема само за дел од партиите и коалициите. Рeчиси половина од програмите нудат многу малку или ниту една мерка за млади. Политиките за млади се најчесто во областите економија и образование, каде партиите предвидуваат политики за даночни олеснувања, капитал за започнување бизнис, зголемено финансирање на образование и наука, подобрување на квалитетот и инфраструктурата на образованието. Други теми кои почесто се појавуваат се иновации, младинско учество и стандард. Сепак во програмите има и теми кои отсуствуваат, а се важни за младите – ефектите од пандемијата на КОВИД-19, евроинтеграциските процеси, правдата и младинските права и животната средина, – стои во соопштението од Фондацијата за демократија.
Што се однесува до кандидатите за пратеници, просечната возраст на кандидатите на парламентарните избори била 42,5 години. Иако младите се застапени со висок процент (19% од сите кандидати имаат под 29 години), тие почесто се наоѓаат на позиции со пониски шанси за успех. Кандидатите на возраст од 40 до 49 години се најчесто на добитничките места.
OhridNews