Во текот на научните истражувања спроведени во рамките на проектот „Заштита на пештерските екосистеми и загрозените растителни и животински видови во Националниот парк Галичица од негативните ефекти на климатските промени“, утврдени беа бројни интересни факти за спелеолошките објекти во Паркот.
Пропаста Кларите е спелеолошкиот објект во Националниот парк Галичица којшто има најмал влез. Димензиите на влезот во пропаста изнесуваат 0,6 x 1,5 метри. Се наоѓа во месноста Черемушана, од преспанска страна на Паркот. Нејзината длабочина е -19,2 м, а вкупната должина на каналите е 22,3 м. Во летните месеци од годината, температурата на воздухот е 16°C, а влажноста на воздухот е 78,9%. Пештерскиот екосистем е одлично зачуван, без евидентирана деградација. Пропаста е богата со пештерски украси, а пештерските корали се најзастапени. Во пропаста живеат три видови троглобитни и два вида троглофилни организми. Лилјакот мал потковичар е евидентиран во пропаста, велат од Црвен крст Охрид.
Проектот „Заштита на пештерските екосистеми и загрозените растителни и животински видови во Националниот парк Галичица од негативните ефекти на климатските промени“ е поддржан од Prespa Ohrid Nature Trust – PONT, а го реализираат Црвен крст Охрид и Истражувачко друштво „Урсус спелеос“ – Скопје, во соработка со Јавната установа Национален парк Галичица.
OhridNews
фото. Црвен крст Охрид