Министерството за транспорт и врски го поништи и вториот тендер за субвенционирање на евтини летови. Причина за тоа како што објасни министерот Сугарески, е неисполнувањето на условите пропишани со тендерот од страна на единствениот понудувач, унгарската нискобиџетна авио компанија „Визер“.

-Во јавниот повик предвидено е следново: Авио компанијата што ќе добие финансиска поддршка има обврска да започне со оперирање на најмалку 4 нови дестинации од аеродромот Св. Апостол Павле – Охрид, и тоа првите две до 10.01.2019, а останатите две, во рок од една година од денот на склучување на договорот, и истите да ги опслужува за период за кој се доделува финансиската поддршка. Авиокомпанијата „Визер“, доставила понуда во која што сите четири дестинации од аеродромот Св. Апостол Павле, планира да ги воведе во август 2019 година. Ова е спротивно на еден од клучните критериуми во јавниот повик. – истакна Сугарески.

Министерот рече дека евтини летови ќе има, и тоа Владата ќе го исполни.

-Граѓаните да бидат спокојни. Владата процени дека стратешки интерес на република Македонија е покрај скопскиот аеродром, системски да го развива и охридскиот аеродром. Затоа и во јавниот повик побаравме потенцијални корисници на финансиска поддршка, да воведат четири нови линии од охридскиот аеродром во 2019 година. Исто така сакам да нагласам дека средствата се веќе предвидени во буџетите за следните три години, односно 2019-2020-2021 година. Тие пари се на граѓаните и сè што е во наша надлежност ќе сториме за да  овозможиме за овој јавен повик да успее. – додаде Сугарески.

Тој најави дека Министерството за транспорт и врски ќе објави нов јавен повик, а критериумите и условите нема да се менуваат, односно ќе останат исти како и на претходниот јавен повик.

Опозициската ВМРО ДПМНЕ на прес конференција обвини дека власта повторно удира по џебот на граѓаните.

– Импровизацијата на власта може да ги чини граѓаните премногу пари. СДСМ не смее да  си поигрува со мерката за евтини авио летови, проект на ВМРО-ДПМНЕ кој драстично ја зголеми фреквенцијата на патници на нашите аеродроми во Македонија.  Во време на ВМРО-ДПМНЕ бројот на линиите константно се зголемуваше и се отвораа нови линии, а бројот на патници од скопскиот аеродром достигна милион. На тоа поле СДСМ нема никаков успех, туку и позитивниот тренд кој е резултат на проектите на ВМРО-ДПМНЕ е на пат да го уништи.- рече портпаролот на партијата Димче Арсовски.

Инаку во јавноста беа изнесени и шпекулации дека зад неуспешниот тендер се кријат интереси на други авио компании, како ново отворената „Ер Албанија“. Сугарески демантира.

Веднаш ќе ги спречам сите шпекулации во однос на поништување на двете постапки, имајќи предвид дека овој проект е започнат во времето на минатата влада. Ниту еден член на оваа Влада, вклучувајќи ме и мене, нема ништо против авиокомпанијата „Визер“. „Визер“ е стабилен  и долгорочен партнер на Република Македонија. Сметано од 2012 година, оваа авиокомпанија е субвенционирана со десет милиони евра, средства на даночните обврзници. Ние го почитуваме нивниот интерес да ја продолжат соработката. Бидејќи тоа е и во интерес на граѓаните. Стоиме на располагање за разговор доколку е потребно, за било која компанија, да се објаснат условите, кои се прецизни и многу јасни. Во оваа прилика, повторно ги повикувам и „Визер“ и сите други компании, да се пријават на новиот јавен повик, и уверувам дека ќе се избере авио превозник кој ќе достави најдобра понуда, и ќе ги исполнува критериумите согласно повикот. – појасни Сугарески.

OhridNews