Футуристите најавуваат дека не очекува иднина која многу ветува. Како што пренесува „Макфакс“, до 2020 година треба да се појават летечки автомобили, цели градови кои се напојуваат со сончева светлина, биогориво и многу други пронајдоци.
Соработникот на Институтот за иднина, Мајк Липхол, објаснува дека периодот до 2020 година е само груба временска одредница, и дека со континуираниот развој на технологијата проектите кои се спомнуваат ќе бидат реализирани тогаш, кога е планирано да се појават.
„Ние им помагаме на луѓето систематично да размислуваат за својата иднина. Ние не им даваме одговори, ние им ги кажуваме предвидувањата“ – изјавил Липхол и го објавил списокот на (не)возможни проекти кои треба да се реализираат до крајот на деценијата.
База за роботи на Месечината – Покрај разорниот земјотрес и цунами што неодамна ја погодија Јапонија, Јапонците продолжија да работат на проектот за изградба на база за роботи на Месечината. Базата ќе ја градат роботи и истата ќе ја користат роботи.
Брз воз од Пекинг до Лондон – Кинезите имаат многу амбициозен план да го поврзат Истокот со Западот со железничка линија на која ќе поминува брз воз, и тоа на релацијата Пекинг-Лондон. Иако можеби звучи едноставно, сепак, најтешкиот дел од проектот е да се добие дозвола за градба во сите 17 држави низ кои треба да поминува железничката линија на иднината.
Самоуправувачки автомобили – Сцената од филмот „Разбивач“ во која Силвестер Сталоне влегува во такси, кажува каде сака да оди и автомобилот сам го носи на посакуваното место, можеби и не е толку далечна бидејќи на тој проект веќе се работи. Чекор претходно ќе биде пронаоѓањето на авто-возови на кои нема да им треба машиновозач, а потоа ќе следува појавата на автомобили кои сами размислуваат. Сепак, Липхол се сомнева дека до 2020 година ќе може да се смисли сложената инфраструктура која ќе ги поврзува автомобилите и автопатиштата.
Летачки автомобили – Американската агенција за развој на напредната воена технологија веќе го патентираше летачкиот автомобил, но него ќе го користи само американската војска и нема масовно да се произведува. Причината е иста како и кај самоуправувачките автомобили, односно се уште не може толку брзо да се смисли инфраструктурата, во овој случај, за воздушна комуникација.
Контролирање уред со мислите – Бидејќи мозокот се уште е неистражена територија, и научниците и авторите на научната фантастика веќе со години зборуваат за контролата на умот. Иако е можно да се вгради чип во човековиот мозок, сепак, човекот не ги користи сите можности на мозокот и се уште не ги разбира сите нервни активностi, така што контролирањето на други уреди со помош на мислите се уште е неостварлив проект.
Компјутер со човечка интелигенција – Компанијата „Циско“, како светски лидер во областа на вмрежувањето, пред неколку години објави дека работи на создавање компјутер кој ќе ја има процесната моќ на човековиот мозок, односно на човековата интелигенција, и дека компјутерот ќе чини околу илјада долари. Липхол смета дека тоа е реална претпоставка, но додава дека компјутерот нема да биде „интелигентен“ во вистинската смисла на зборот, туку само ќе биде „способен“ да процесира како човековиот мозок.
Преведувачи во мобилните телефони – Како што забрзува процесот на глобализацијата се повеќе луѓе работат на осмислувањето програма за универзален превод, иако сме свесни дека засега и гугл-преведувачот не се снаоѓа доволно добро. Причините лежат во комплексноста на секој јазик поединечно. Предвидувањата се дека до 2020 година ќе биде пронајден преведувач кој ќе може да се внесе во мобилните телефони. Можноста за грешки повторно ќе постои, а малцинските јазици ќе мораат да почекаат уште некое време.
Синтетички мозок кој работи како вистински – Веќе е сигурно дека може да се направи компјутер со човечка интелигенција. Научници од Швајцарија тврдат дека можат да направат компјутер кој ќе функционира како вистински мозок и веќе создале машина која има 10 илјади неврони. Сепак, човековиот мозок содржи милијарди и милијарди неврони, и со оглед на тоа што се уште не знаеме како работи нашиот мозок, малку е веројатно дека ќе направиме синтетички ум кој ќе работи како нашиот.
OhridNews
извор: „Макфакс“