Во атарот на село Лактиње, Дебарца (охридско), во петокот околу11 часот пронајден бил човечки труп во распаѓање. Мртвото тело го пронашол печуркар кој веднаш случајот го пријавил во охридската полиција.

Телото било закопано само делумно, во плиток гроб крај шумскиот пат, а делови од него биле пронајдени во блиската околина, каде најверојатно биле разнесени од диви животни.


Местото каде бил пронајден полураспаднатиот човечки труп

Увид на лице место  извршија  истражен судија,  заменик јавен обвинител и екипи на крим – техника. Телото е предадено на обдукција, а полицијата работи на прибирање докази за да се утврди идентитетот на мртвиот кој засега е непознат.

Истрагата треба да утврди кога и како настанала смртта.  Иако постојат одредени индиции, на што упатуваат и пронајдените остатоци од облека и други докази, надлежните органи во интерес на истрагата  не сакаат да  прејудицираат ништо, додека  не добијат официјална потврда за идентитетот на мртвиот, за како што беше кажано дополнително да не се вознемируваат семејствата кои подолго време очекуваат информации за нивни блиски кои се водат како исчезнати.

Г. Момироски
фото: С. Костоски