Во водите кај Копенхаген е пронајдено обезглавено женско тело со отсечени екстремитети, соопшти данската полиција нагласувајќи дека по извршената идентификација, било утврдено дека станува збор за шведската новинарка Ким Вал. Обезглавеното тело било пронајдено од велосипедист кој случајно минувал оттука.

Данската полиција пред неколку дена соопшти дека Вал, која се води како исчезната од 11 август кога интервјуирала сопственик на една подморница, починала во несреќа која се случила на пловниот објект. Сопственикот на подморницата Петер Мадсен, како што е соопштено, го фрлил нејзиното тело во морето.

Мадсен, кој е обвинет за убиство од небрежност, изјавил пред судот и полицијата дека се случила несреќа на подморницата, која предизвикала смрт кај Вал, а тој потоа ја фрлил во морето на неодредена локација јужно од Копенхаген. Мадсен првично ги негирал обвинувањата за убиство од небрежност тврдејќи дека новинарката ја напуштила подморницата во Копенхаген пред таа да потоне. Тој е уапсен само неколку часа кога неговата подморница, тешка 40 тони и долга 18 метри, потонала покрај источниот брег на Данска.

OhridNews