Нуркачи на Мадагаскар пронашле сребрена плочка тешка околу 50 килограми за која веруваат дека е дел од богатството на легендарниот пират Капетан Кид. Среброто е пронајдено оваа седмица во близина на островот Сент Мери, во близина на североисточниот брег на Мадагаскар. Истата му била предадена на престедателот на Мадагаскар Хери Раџаонаримампианин.
Нуркачите биле предводени од Бари Клифорд, американски истражувач кој со децении трага по пиратски богатства. Клифорд верува дека на дното на заливот лежи уште богатство. Вилијам Кид, познат како Капетан Кид, ограбувал бродови кон крајот на 17 век, пред да биде фатен и погубен во Лондон во 1701 година. Според легендата Капетан Кид голем дел од својот плен го сокрил ширум светот што му послужило на Роберт Луис Стивенсон да го напише романот „Островот со богатство“.