Две исклучително значајни фрески на охридските светители Климент и Наум, кои според науката претставуваат вистински раритет на средновековната сакрална уметност, се пронајдени во реонот на Долна Преспа и Корча. Нив ги откри тим од Заводот и Музеј Охрид при неодамнешните истражувања во соседна Албанија. За особено значајна се смета фреската на која ликот на Св. Климент е насликан заедно со апостолите Петар и Павле. Оваа единствена фреска била откриена на јужниот ѕид во средновековната црква Св. Богородица во Москополе.
Уникатната фреска на Свети Климент и апостолите Петар и Павле
-Да не глорифицираме, но навистина ова е уникатна и раритетна претстава на која се насликани апостолите и Климент. Држи пораката дека како што се Петар и Павле првите апостоли во христијанската црква така и Климент е првиот апостол меѓу македонските словени кој го шири христијанството. Навистина раритено, не само што е откриен ликот на Св. Климент туку и местото и начинот на кој е насликана композицијата на која се и првите апостоли Петар и Павле се единствени, изјави за „Оhridnews“, историчарот на уметност, Гоце Жура.
За време на истражувањата, тимот научници од Охрид, открил уште една ретка фреска на која е насликан Св. Наум Охридски – Чудотворец. Пронајдена е во црквата Св. Ѓорѓи која потекнува од XVII век.
-Св. Наум е насликан на невообичаено место, во олтарниот простор со поглед кон светата трпеза. Тоа е реткост во историјата на уметноста од XI до IXX век и воопшто тоа е реткост во македонската средновековна уметност, вели Жура.
Св. Наум Охридски
Местата каде се пронајдени овие ликови до 1767 година припаѓале на диецезата на Охридската архиепископија, објаснува Жура. Овие откритија, како и пронајдената фреска на грчкиот остров Ахил на која Св. Климент е потпишан како Архиепископ Охридски , се доказ дека тој бил апостол и првиот епископ на македонците, додава Жура.
Според него последните откритија пополнуваат една голема празнина не само во историјата на уметноста туку и воопшто во македонската и историјата на Балканот од периодот кога овие простори потпаѓале под диецеза на Охридската Архиепископија, кога култот на Св. Климент и Св. Наум длабоко се врежал во мислите на народите кои затоа ги сликале и ги почитувале.