Спасувачките екипи досега пронајдоа тела на над 400 лица кои загинале при вчерашните поплави и лизгањето на земјиштето во главниот град на Сиера Леоне, Фритаун, соопшти вечерва претставникот на тамошните власти Сенех Думбуја. Тој нагласи дека властите стравуваат оти под наносите на земја и кал, пред се во најпогодената населба на Фритаун, Риџент, се наоѓаат телата на уште околу 500 жртви.
Портпаролот на Владата на Сиера Леоне, Корнелиус Дево пак изјави дека акцијата за расчистување теренот и за пронаоѓање на евентално преживеани лица под урнатините од куќите и наносите од кал продолжува.
Локалната канцеларија на Црвениот крст соопшти дека околу 600 лица се водат како исчезнати во поплавите и свлечиштето, но британската телевизија Скај, повикувајќи се на неофицијални извори, јави за околу 1.500 исчезнати.
Свлечиштето во Риџент се случи вчера во раните утрински часови, по поројните дождови што врнеа во регионот во текот на целата ноќ, предизвикувајќи поплави во повеќе делови на Фритаун. Повеќето од загинатите во Риџент биле затрупани од огромното количество кал додека спиеле.
OhridNews
Макфакс