Истражувачите на бродски остатоци од американската компанија „Odyssey Marine Exploration“ во понеделникот објавиле дека ги пронашле остатоците од британскиот адмиралски брод „HMS Victory“ кој потонал во 1744 година во Ла Манш, заедно со богатство чија вредност се проценува на 1 милијарда долари.
„Со лоцирањето на остатоците од најсилниот и технички најсовршениот брод во тоа време, далеку од местото на кое се верувало дека потонал, е решена една од најголемите мистерии во историјата на поморството“ – рекол Грег Стем, директор на „Odyssey Marine Exploration“.
HMS Victory потонал во 1744 година, зафатен од невреме додека се враќал од Шпанија. Настрадале сите 1150 морнари. Неговите остатоци се пронајдени 100 километри подалеку од местото на кое се верувало дека потонал.
На прес конференцијата било изјавено дека според информациите од тоа време, бродот пренесувал 4 тони злато, чија сегашна вредност изнесува 1 милијарда долари.