Археолозите пронашле околу 3000 статуи на Буда во кинеската покраина Хандан, за кои се смета дека се стари околу 1500 години. Ова откритие се смета за најголемо од овој вид уште од 1949 година, соопштиле археолозите од кинеската академија на општествени науки. Статуите на Буда, кои воглавно биле изработени од бел мермер, биле многу оштетени, а според зборовите на експертите би можеле да датираат уште од времето кога династијата Веи владеела на истокот, а Чи на северот (од 534 до 577 година од новата ера).


Некои научници сметаат дека статуите, кои биле ископани во Јеу, древна престолнина на источната династија Веи и северната Чи, можеби биле собрани и закопани по падот на династијата Чи од страна на други владетели кои се обиделе да ја „исчистат“ земјата од Будизмот. Кетрин Чианг, директорка при Центарот за уметност на Источна Азија на универзитетот во Чикаго, рекла дека постои можност статуите да биле сокриени и од самите верници како би биле сочувани. На некои други места биле пронајдени написи кои укажуваат дека старите скулптури не биле само фрлани во јамата, туку дека биле закопани со почит.