Пронајдена е и втората црна кутија со податоците за летото и падот на авионот на воздухопловната компанија „ЕгѕптАир“, објави египетската истражна комисија.
Објавата на египетската комисија задолжена за спроведување на истрагата за причините за оваа несреќа, доаѓа ден откако беше објавен на првата црна кутија со снимачите на глас. Според експертите, двете црни кутии лежеле на длабочина до околу три илјади метри и се најдени пред на 24-ти јуни да престанат да емитуваат сигнали, по што нивното откривање ќе беше речиси невозможно. Втората црна кутија е откриена во раните утрински часови од страна на специјализираните бродови за пребарување на подморјето. Втората црна кутија, сместена во опашката на авионот, во којашто се наоѓа записникот од техничките податоци за авионот, многу важна за откривање на причините на несреќата.
Вчера попладнето снимачот на гласот, кој се наоѓал во една од двете црни кутии, лоциран е од брод специјализиран за потрага во длабоките води на приватна компанија чие седиште е на Маурициус, којашто поради големото оштетување го спасувал во неколку фази. Пронајден е делот со мемориската единица, што е најважниот дел од уредот. Снимачот на гласот е оштетен, но делот кој ги содржи снимките е нечепнат, соопшти египетската истражна комисија.
Египетската комисија објави дека во текот се подготовките за пренесување на двете ткн црни кутии во Александрија, каде што ќе ги прими службеник од бирото на државното обвинителство, како и иследниците за причините за падот. Единицата за меморија, која содржи разговори меѓу пилот и ко-пилот во текот на последните 30 минути пред авионот да се урне, ќе биде анализирана од страна на специјална единица на египетското министерство за цивилно воздухопловство. Од таму додаваат дека резултатите нема да бидат објавени во медиумите пред да бидат детално информирани истражните органи, вклучувајќи го и обвинителството.
Авионот на „EgyptAir“ на летот од Париз за Каиро со 66 патници и членови на екипажот исчезна од радарите утрото на 19-ти мај, во мигот кога го напуштил грчкиот и непосредно пред да навлезе во египетскиот воздушен простор. Тој се урнал во Средоземното Море, а трупот беше лоциран во средата. Причината за падот на авионот сé уште не е позната. Не е исклучен терористички напад, но одговорноста за уривање на леталото не го презема ниедна екстремистичка организација. Но египетскиот министер за цивилно воздухопловство Шериф Фати минатиот месец изјави дека поверојатно е дека станува збор за терористички напад отколку механичка грешка.
Аналитичарите истакнуваат дека причина за тоа би можело да биде техничка или човечка грешка. Сателитските податоци укажуваат дека во тоалетот и на електричните водови се активирал детекторот за чад, неколку секунди пред губењето на сигналот. Не е позната причинат за појавата на чад, но се појавија информации за дефекти на овие уреди кои кревајќи лажен аларм ги терале пилотите да изведуваат ризични маневри.
Според грчката истрага, авионот прво се накосил за 90 степени налево, а потоа за 360 степени во десно, понирајќи од височина од 11.300 метри на 4.600 метри, а потоа на 3.000 метри пред да исчезне од радарите.
OhridNews
извор Макфакс