Охридската полиција ја пронајде бистата на поетот Славко Јаневски што пред три недели беше украдена од алејата на писателите во Струга. Бистата која не е оштетена била пронајдена на 21. март во канал во близина на новата бензинска пумпа на Окта на влезот од Охрид.

Како што соопшти охридската полиција кражбата ја извршиле малолетните  Р.Р. (17), А.Р. (15) Ч.Р. (16) и Д.Р. (19), припадници на заедницата на египќаните од Охрид. Тие и` биле добро познати на полицијата по кражби на предмети од бакар и месинг и од цркви во минатото, а еден од нив бил учесник во кражбата на дневниците од средното училиште “Нико Нестор“ во Струга што се случи пред неколку месеци.


Тие пред околу три недели со автомобилот на Д.Р. отишле во Струга каде од алејата на писателите ја отшрафиле со раце бистата со намера да ја продадат. Ја понудиле во неколку откупни пунктови кои одбиле да им ја откупат бистата, по што ја фрлиле во канал.

Против крадците охридската полиција поднесе кривична пријава за кражба, а бистата по соодветната судска постапка ќе биде вратена во Струга. Полицијата соопшти дека трага по бистата на поетот Ацо Шопов која исто така беше украдена од алејата на писателите во  Струга, како и по бистата на Абас Емин во Охрид која беше украдена пред четири месеци.

Горан Момироски
Фото: С. Костоски