Австралиските научници објавија лоша вест за сите арахнофоби кои досега се тешеа со фактот дека е реткост да се види пајак во вода. Имено, на светскиот фестивал за наука во Бризбејн претставена е нова врста пајак кој плива, нурка и јаде риби. Овој пајак под вода може да мине и до еден час, а покрај риби сака да јаде инсекти и жаби, а неговиот плен може да биде дури и тројно поголем во однос на него.

За среќа по луѓето, не е опасен по човекот, а вреди да се истакне и тоа дека доби име Брајан во чест на професорот Брајан Грини. Научникот Роберт Рејвен го опишува Брајан како пајак кој лови така што седи на водата и ги следи вибрациите. Кога ќе ги почувствува, се залетува на пленот, го вовлекува под вода, а потоа со него плива на брегот каде следи гозба. Додал дека овој пајак се движи исклучиво во водите во околината на Бризбејн.