Сопственикот на луксузен автомобил, денес 82-годишен адвокат во пензија, не можел да им поверува на своите уши, неговиот јагуар кабриолет, кој му бил украден пред 46 години во Њујорк, бил пронајден неодамна во Калифорнија. Како што пренесуваат американските медиуми, јагуарот XKE се наоѓал во контејнер на товарен брод на пат за Холандија. Алван Шнајдер рекол дека тоа било вистинско чудо. Кога му го украле автомобилот имал 36, а сега 82 години. Цариниците од Лос Анџелес при рутинската контрола на документациите на автомобилите за извоз, кога бродот веќе го напутшил пристаништето, откриле дека станува збор за украдено возило.
Шнајдер, кој денес живее на Флорида, вели дека тоа бил неговиот прв вистински и најдраг автомобил. Раскажал дека го купил нов и дека имал помалку од година дена кога му го украле. Понекогаш се будел доцна во ноќта како би можел да вози со 140 до 160 километри на час на автопатот. Митскиот јагуар кабриолет со две врати кога бил купен чинел 5000 долари. Денес, и покрај гребнатинките и зарѓаните делови, вреди повеќе од 23 илјади долари. Оние добро сочуваните можат да достигнат и до 100 илјади долари.