Екипа италијански археолози на чело со Франческо Д’Андри, го пронашла гробот на Свети Филип, еден од дванаесетте апостоли на Христос, во античкиот град Хиераполис на западниот дел од Турција. Франческо Д’Андри, кој повеќе години работи на овој локалитет во Турција, рекол дека со години трагаат по гробот на Свети Филип, и дека конечно го пронашле во рушевините на една црква која ја ископале пред еден месец.
Тој прецизирал дека гробот сеуште не е отворен. Рекол дека ова откритие има огромно значење за археологијата и за целиот христијански свет, а додал дека еден ден гробот со сигурност ќе биде отворен. Филип бил роден во Галилеја, денешен Израел, и бил еден од христовите ученици. Бидејќи го ширел христијанството на просторот на Мала Азија, Римјаните го распнале во Хиераполис, денешен Памукале. Памукале е атрактивна туристичка дестинација позната по термалните води.