ГТЗ,  Јавната установа, Национален парк Галичица и Секторот за локалне економски развој, денеска ги промовираа едукативно-рекреативните патеки на НП Галичица.

Во рамките на МЕД проектот за општински економски развој, што се спроведува од јануари годинава, ГТЗ, Германското друштво за техничка соработка изработи брошура во која се идентификувани 6 рекреативни патеки на планината Галичица.

Целта е како што беше кажано на прес конференцијата да се промовира алтернативниот туризам во функција на локалниот економски развој.

Проектот претставува дел од напорите за обединување на целокупната понуда на регионот и заедничко делување на сите директно и индиректно вклучени субјекти во туризмот, изјави Аница Палацо од ГТЗ.

Таа објасни дека наскоро ќе биде формирано регионално тело кое ќе изврши обележување на патеките кои официјално ќе бидат промовирани во сабота, кога по 11 пат ќе се одржи традиционалната екскурзија на Галичица, на која покрај вљубениците во природата поканетиу се и претставници на дипломатскиот кор во земјава ,  на соседните општини, и медиумите.

Охридско-преспанскиот регион е атрактивен за рекреација, вели директорот на ЈУНП Галичица Андон Бојаџи, кој појасни дека 4 од 6-те патеки се наоѓаат во рамките на националниот парк.

Реализацијата на овој проект кој е изработен според современи европски стандарди, ќе придонесе кон развој на туризмот велат во Секторот за локален економски развој. Инаку локалната самоуправа која го обезбедува превозот за екскурзијата на Галичица во сабота, апелираше до  сите заинтересирани да го пријават своето учество во НП Галичица најдоцна до четврток, 31 мај, со цел успешно организирање на екскурзијата.

Г.М.