Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, министерот за култура Елизабета Канческа-Милеска и претседателот на Националниот сојуз на слепи лица Жарко Селкоски промовираа 60 нови наслови на аудио книги од  Проектот „400 Аудио книги за лица со оштетен вид“. Новите аудио книги се лектири од основното и средното образование, детски приказни, научна литератира, книги за историјата на Македонија и бестселери.

Аудио книгите, како што најави на промоцијата министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, ќе им бидат отстапени на НУБ „Климент Охридски“ по пет копии од секој наслов, дополнително по три копии ќе добие Националниот сојуз за слепи лица и по две копии ќе добие Државното училиште за деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“.

-Во четиригодишниот период планиравме да снимиме 400 наслови на аудио книги, но планираме да го надградиме и зголемиме опфатот на снимени книги во наредниот период. Досега имавме две промоции на кои беа презентирани 80 наслови на аудио книги, рече Спасов.

Тој најави дека овој проект ќе продолжи да се реализира за што, како што информира, веќе е потпишан договор за снимање на 200 наслови аудио книги кои треба да бидат завршени до крајот на годината. За досегашната реализација на проектот се издвоени 2,5 милиони денари.

Министерот за култура Елизабета Канческа-Милевска посочи дека овој проект е многу значен бидејќи, како што рече, преку него во голема мера ќе се зголеми фондот на аудио книги, ќе се унапреди образовниот процес на слепите лица и ќе се подигне нивото на нивната интелектуална култура.

-Денеска претставуваме 60 дела на еминентни автори од сите генерации писатели од Република Македонија и од светот, дела со високи книжевно-естетски вредности кои ги прикажуваат развојните процеси и достигнувања на македонското книжевно творештво, но и врвовите кои ја одбележаат историјата на светската литература. Во овие наслови се вклучени наградуваните остварувања на Венко Андоновски, Блаже Миневски, Стојан Тарапуза, Александар Прокопиев, но и значајните дела на најафирмираните поети, раскажувачи, романсиери, драмски автори и есеисти од светската литература  како Коелјо, Свифт, Даниел, Кафка, рече таа.

Досега, со претходните две и денешната промоција, на корисниците достапни им се вкупно 160 наслови на книги снимени во рамки на проектот „400 аудио книги за лица со оштетен вид“.

OhridNews