Воочи најголемиот македонски и охридски празник, Свети Климент Охридски-Патронот на градот,во куќата на Уранија, денес, беа промовирани публикациите „Св. Никола Чудотворец“ и „Фрески од Охрид“ од авторот Ленче Мојсоска, историчар на уметност и конзерватор, вработена во НУ Завод и музеј- Охрид.
– Овие две значајни дела се плод на долгогодишните конзерваторски истражувања и активности на м- р Ленче Мојсоска, чија основна дејност е конзервација и презентација на богатото културно наследство на овој регион. Овие две дела во голема мера придонесуваат за промоција на богатото културно наследство на Охрид како и за се поголемиот развој на културниот туризам, истакна директорката на НУ Завод и музеј, Тања Паскали- Бунташеска.
Пред присутните се обрати и заменик градоначалникот Ангел Јанев, кој истакна дека стручната и пошироката јавност, од денеска ќе бидат побогати со сознанија за познатата црква Св. Никола Чудотворец, свет храм кој бил обновуван и сликан со фрески во текот на повеќе векови.
– Во времето од 2000 до 2005 година, под раководство на Ленче Мојсоска, се вршеше откривање и конзервација на бројните фрагменти на фрескосликарството на црквата, кое беше оценето како значајно откритие на средновековното уметничко богатство на древниот Охрид. Промоцијата на двете публикации е во рамките на програмата за одбележување на 8 Декември- Денот на Свети Климент Охридски-Патронот на Охрид.Со овој настан, авторката Мојсоска и Заводот за заштита на спомениците и Народен музеј од Охрид, го даваат својот придонес во слава на заштитникот на градот Свети Климент Охридски, светителот и светецот кој го отвори првиот сесловенски универзитет преку кој се ширеше писменоста и културата во земјите на православието. Овие и сите други публикации кои ги расветлуваат деталите од огромното културно наследство на Охрид, кое е под заштита на УНЕСКО, се од особено значење за промоција на историските и културните вредности на овие простори во светот, рече Јанев.
Авторот на двете книги, м- р Ленче Мојсоска истакна дека се започнало сосема случајно, еден јунски ден додека одела кон своето работно место.
– Еден јунски ден од мојот дом кон работа минував покрај црквата, слушнав црковно пеење кое доаѓаше од црквата и внатре видов многу верници кои присуствуваа на утринската служба. Прашав што е денот и рекоа дека ден на црквата Свети Никола Чудотворец. Од тој момент почнав секојдневно да одам во црквата и почнаа истражувачките работи кои траеја цела година. Потоа беше изработен елаборат за конзерцвација и така започна конзервацијата на црквата со археолошки истражувања со конзервација на архитектурата и обемната конзервација на фрескоживописот, бидејќи истиот кога влегов за прв пат беше прекриен со малтер, рече Мојсоска.
Пред бројните присутни на промоцијата се обрати и м- р Елизабета Димитрова.
Т.К.