Во пријатна крајезерска атмосфера во ресторан „Лихнидос, деновиве се одржа  неформална и опуштена промоција на првиот роман со наслов „Безизлез“ и збирката „Драми“на нашата сограѓанка м-р Маре Ристеска.

Книгите ги промовираше професор д-р Јордан Плевнеш, ректор на Факултетот за Аудиовизуелни уметности ЕСРА, Скопје-Париз-Есен-Ротердам, ценет и истакнат писател и академик. Извадоци од романот и драмите читаа Јована Лолеска и Јован Цветкоски, дел од актерската екипа на претставите, поставени на фестивалот „Вдиши театар“. Музичките ноти се излеаја од ансамблот „Сарај“, млади и талентирани професионалци, кои несебично ја поддржуваат културата и уметноста, и кои со староградските песни исткаени од нивните инструменти го одбележаа драмското творештво на авторката.

Романот „Безизлез“ ја обработува вечната тема за борбата помеѓу разумот и страста, моралот и неморалот, играта и заводливоста, искушението и исправноста во одлуките. Времето на случување е 21 век, а местото на дејствието е во градовите Охрид и Амстердам. Темата којашто се обработува е вонвременска, вечно разглобувана и распарчувана, таа го отвора никогаш неодговореното прашање за моќта и храброста на еден поединец, спремен или не, да ја досегне хармонијата на својата душа, да се избори за својата лична среќа, да ја тргне долгогодишната маска што немарно ја ставил, притиснат од стравот, од комфорот и удобноста на познатото.

Во романот освен што се обработени психичките состојби на ликовите, тој претставува и своевидна пејзажна панорама на нашиот град. Опишани се многубројни знаменитости почнувајќи од цркавата св. Јован Канео, па сè до манастирот св. Наум. Спомната е приказната за искусниот пливач Влатче Василев Пурук, познатиот јунак од охридските плажи, како и приказната за охридскиот чун. Како места каде се одвива дејството во романот се избрани повеќе угостителски објекти што се опишани во својот оргинален изглед. Во романот преку илустративни графики се прикажани и пејзажи од местата кои се опишуваат во истиот, како и фотографии од самите туристички објекти, што придонесува за една афирмација на нашиот град Охрид, бисерот на Балканот , како атрактивна туристичка дестинација.

„Чудни се патиштата што водат кон целта, како што е чудесна и оваа наша Македонија, земја на лаги, неморал, глума… Ајде луѓе свестете се, тргнете ги маските и гласно кажете кој е кој. Тргнете ги маските и покажете си ги лицата, покажете го ненапудрениот нос, брчките под очите, солзите, знам, не се совршени, но, барем се реални“.

Втората книга е збир од неколку драмски дела, во кои повторно, како задолжителен дел е истакнат нашиот град, споменат е охридскиот ветер фортуна, приказната за Деспина, Билјана и Лихнида. Овие драмски претстави освен што ќе го насмевнат читателот, ќе му овозможат да ги препрочита охридските приказни од една нова, модерна, современа преспектива.

„Фортуната го разбранува езерото по коешто пловеше кајчето со грабнатата Деспина, а охриѓани пресудија за моралните вредности!“
OhridNews