Десет нови наслови од проектот за „Превод на стручни, научни книги и учебници од кои се учи на врвните, најдобрите и најреномираните универзитети во САД и Англија, а од областа на правото во Франција и Германија“ беа промовирани вчера во читалната „1.000 книги“ во Скопје.

Новите наслови, како што појасни заменик министерот за образование и наука Спиро Ристовски, обработуваат теми од економијата, фармацијата, природно математичката област, филозофијата и филологијата, педагогијата, информатичко комуникациските науки и од областа на спортот и физичката култура. Во рамки на овој проект, започнат, во 2009 година, има вкупно 967 преведени и достапни врвни светски наслови.

Овој проект, рече Ристовски, е многу значаен и од повеќе причини се одлучивме за негово проширување со дополнителни 200 наслови во следните четири години, исто како и за отворањето ваков тип читални и во повеќе други општини.

– Првенствено, концептот на овој проект има една суштинска цел, а тоа е најдобрата современа стручна литература да стане достапна за нашата академска јавност на нивниот мајчин јазик. И несомнено, оваа цел доследно ја исполнува. Мошне успешно ја пренесува научната мисла, така што овие книги играат клучна улога во развојот, напредокот и протокот на идеи во научната сфера, истакна Ристовски.

Проектот опфаќа книги од повеќе од 25 области и под-области, кои може да се погледнат на специјализираната интернет страница 1000knigi.mon.gov.mk, како и во каталогот на капитални книгоиздателски проекти кој пред десетина дена го објави Министерството за култура во соработка со Министерството за образование и наука и кој е достапен на интернет сајтовите mon.gov.mk и kultura.gov.mk.

OhridNews