Четири мерки за кредитирање за отворање нови работни места и за потикнување на самовработувањето и формирањето сопствени бизниси во Република Македонија промовираа денеска министерот за труд и социјална политика Диме Спасов и директорот на Агенцијата за вработување на Република Македонија Влатко Поповски.

Овие мерки, истакна министерот Спасов, се реализираат од 2008 година и имаат голема успешност, голем процент на се уште вработени лица кои аплицирале и учествувале во искористувањето на овие мерки.

– Приоритет на Владата е отворање нови работни места за невработените лица особено за младите лица до 29 години. Токму поради тоа, дизајниравме две посебни мерки за кредитирање односно кредитирање за отворање сопствен бизнис за млади лица до 29 години и кредитирање на микро и мали компании за отворање нови работни места за млади лица до 29 години. Отворени се огласите и сите заинтересирани можат да аплицираат, рече Спасов.

Појасни дека за мерката самовработување со кредитирање за млади лица до 29 години, може да искористат до 7.000 евра за самовработување за подносителот односно кредитобарателот доколку е младо лице до 29 години и дополнителни 4.000 евра за секое ново вработување во вкупен износ до 23.000 евра во денарска противвредност за отворање сопствен бизнис и за вработување плус четири невработени лица.

Грејс периодот кој е определен, нагласи, е значително зголемен за младите лица односно изнесува една и пол година и плус пет и пол години рок за отплата односно вкупен рок за отплата од седум години со каматна стапка од само 1 процент.

– Исто така предвидуваме и посебна мерка за отворање нови работни места односно за стимулирање на создавањето нови работни места за млади лица до 29 години во микро и мали компании. Сите заинтересирани приватни компании можат да аплицираат за оваа мерка и да искористат финансиски средства во износ од 4.000 евра за секое ново отворено работно место, до три работни места односно во вкупен износ од 12.000 евра со грејс период од една година и две години рок за отплата со каматна стапка од 1 процент, потенцира Спасов.

Директорот на Агенцијата за вработување на Република Македонија, Влатко Поповски рече дека ова е трет оглас за оваа година од кредитирање, а од денеска секој прв понеделник во месецот ќе излегува огласот, ќе трае 10 работни дена и сите заинтересирани кои нема да успеат во овој рок да се пријават во наредните 10 дена, ќе можат наредниот месец да поднесат апликација.

OhridNews

Извор:„МИА“