Изминатиот викенд во кафе и бар „Шила“ во Охрид беше промовирана првата збирка раскази на Mарина Шикова Димовска ‒ „Приказни од кујната“, во издание на ПНВ Публикации од Скопје.

Книгата низ разговор со авторката ја претстави Јулијана Величковска.

Куса исповедна проза, необични дневнички записи што следуваат еден по друг по сеќавање, не по хронологија. Небаре разгледувате албум со стари фотографии. Топли и мирисливи, но некогаш и прегорени и горчливи приказни од кујната на животот. Приказни за растењето и созревањето. Приказни што ја осветлуваат улицата на нашето детство и во сончеви и во тмурни денови. Приказни за недостигот и за љубовта. – рече таа.

Марина Шикова Димовска од Охрид дипломирала на Катедрата по Македонска книжевност и јужнословенски книжевности на филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје. Нејзини раскази се објавувани во неколку книжевни списанија, а со три раскази е застапена и во збирката „Интимно со пандемијата“, збирка раскази од 17 автори (Креативна верига, 2021). „Приказни од кујната“ е нејзина прва збирка раскази.

OhridNews